Пере Наумов Тошев е роден во 1865 година вo Прилеп, во семејство на богати и видни иселеници од Дебарско. Основното образование го завршил во Прилеп, а потоа продолжил да се школува во Солунската машка гимназија, од каде што во 1884 година, поради бунт бил исклучен со група од 12 ученици, меѓу кои и Ѓорче Петров. Во 1884 година завршил VI клас во Пловдивската гимназија. Истата година, во градот Станимака (Асеновград), Пере Тошев, заедно со Спиро Костов од Велес и Владимир Кусев од Прилеп, организирале револуционерен комитет за ослободување на Македонија и Одринско. Исто така, тој бил учесник во обединувањето на Источна Румелија со Бугариja во 1885 година, каде што со неговата чета учествувал во заземањето на градската пошта во Пловдив. Истата година, тој зел учество во Српско-бугарската војна, како доброволец во бугарската армија во одред од 400 македонски доброволци, под команда на Коста Паница. Нападот на неговиот одред бил заслужен за конечниот исход на битката кај Сливница (во близина на Пирот), при што Србите се повлекле. Во битката Пере Тошев бил ранет, а за покажаната храброст бил одликуван со „Орден за храброст“. Од 1892 до 1901 година учителствувал во гимназиите во Прилеп, Скопје, Битола и Солун, сè до Солунската афера во 1901 година, кога заедно со повеќе истакнати револуционери бил уапсен. Притоа, тој бил осуден на 101 година затвор и бил затворен во Подрум Кале (Бодрум Кале) во Мала Азија, но во 1902 година бил амнестиран. Во 1903 година учествувал во Илинденското востание, каде што раководел со Мариовскиот револуционерен реон.

Скршен од поделбата на Македонија, тргнал за Прилеп кај своите најблиски, но на 4 мај, на патот за Прилеп, во Дреновската Клисура, бил убиен од турска заседа. Откако бил убиен, Турците го исекле на парчиња и го закопале во каналот покрај патот. По пет дена, роднините го нашле телото на Пере Тошев, но Турците им забраниле да го погребаат во Прилеп. Така, под засилен надзор на Турците, Пере Тошев бил погребан во дворот од црквата во село Фариш. Во 1996 година, неговите посмртни останки биле префрлени во дворот на црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп.
No comments:
Post a Comment