Sunday, April 30, 2017

Ѓорче Петров

Ѓорче Петров (Г. Тосков, Валзевула, Тројачанец, Марко) е роден како Ѓорѓија Петров Николов на 2 април 1865 година во Варош, во семејството на Петре учителот од Тројаци.
Основното образование го завршува во Прилеп при учителите Никола Ганчев и Јосиф Ковачев.
По неуспешниот обид да се запише во Софиската машка гимназија како стипендист, Ѓорче се враќа во Македонија. Своето образование го продолжува во Битола а по отворање на Егзархиското класно училиште во Прилеп, своето образование го продолжува во родниот крај, но за кратко бидејќи набрзо заминува во Солунската машка гимназија.
Таму останал се до неговото исклучување во 1884 година поради учество во ученичкиот бунт. Ѓорче Петров застанува на страната од неговите соученици со тоа што објавува статии во весникот „Балкан“, во кои ја критикува управата во гимназијата. По овој инцидент Ѓорче заедно со група од 12 македонски ученици во кои се наоѓа и Пере Тошев е исклучен од Солунската машка гимназија.
Истата година заедно со Пере Тошев и неколку свои соученици се запишува во Обласната гимназија во Пловдив каде што во 1885 година завршува VI клас.
Истата година во Пловдив е формиран БТЦРК (Бугарски таен централен револуционерен комитет) во кој активно се вклучуваат Ѓорче Петров и Пере Тошев, но поради слабото здравје не зема учество во обединувањето на Бугарија со Источна Румелија.
По превратот во Источна Румелија се враќа во Македонија каде што работи како егзархиски учител во Штип, во Скопското педагогошко училиште, Битолската прогимназија (1888 – 1895) и Солунската машка гимназија „Свети Кирил и Методиј“ (1895 – 1897). Во 1888 година заминал во Солун како коректор во печатница на Коне Самарџиев.
За време на учителствувањето во Скопје и Битола Ѓорче активно се посветува во собирањето на географски и етнографски материјали од Скопско и Битолско.
Во 1896 година Ѓорче Петров ја издава книгата „Материјали за изучавањето на Македонија“, за етно-географските карактеристики на Македонија, во која ги опишува поважните планини, реки и патишта и различните региони и нивното население.
Во тој период Рачо Петров, бугарскиот воен министер му нуди на Ѓорче Петров стипендија за изучување на картографија на некој од престижните европски универзитети но Ѓорче го одбива.

Со создавањето на Внтрешната македонско-одринската револуционерна организација во 1893 година, Петров се вклучува во неа. Активно се вклучува во прибирање на нови членови во Битола и околните села кои ги обиколува непречено како училишен инспектор. Во тој период заедно со Пере Тошев во Битола го помага издавањето на револуционерното списание „На оружје”. Во 1896 година се приклучува кон ЦК на ВМОРО и истат година учествува на Солунскиот конгрес каде што заедно со Гоце Делчев добиле задача да го изготват уставот на организацијата.
Во 1897 година заминува за Бесарабија, каде што се обидува да собере парична помош од македонската емиграција за Внатрешната организација но без поголем успех. На враќање во Букурешт заедно со Борис Сарафов остваруваат средби со македонската емиграција.
Ѓорче Петров како член Задграничното претставништво на ВМОРО во София, во периодот од 1898 до 1899 година го издава весникот „Бунтовник“.
Во август 1898 година заминува во Цариград на средба со Екзархот Јосиф I. По средбата односите помеѓу Внатрешната организација и егзархијата се нормализират по што станало вообичаена практика Внатрешната организација да изготвува списоци на учители во почетокот на учебната година, кои понатаму се проследувале до Екзархијата.
Во летото 1900 година Ѓорче врши обиколка во Јужна Бугарија на македонско-одринските друштва во Станимака, Чепеларе, Широка Лака, Хвојна, Орехово и Павелско што е главна причина Задграничното претставништво да дојде во судир со Врховниот комитет. Поради судирот на интереси и контрола на области конфликтот помеѓу двете организации се заострува во 1901 година кога Ѓорче Петров под притисоци и закани на два наврати е принуден да ја напушти Софија.

Пере Тошев

Петар Наумов Тошев (1865 - 4 мај 1912) — македонски национален херој, учесник во македонското револуционерно движење, член и раководител на Македонската револуционерна организација, апостол и совеста на револуционерна Македониј и национален херој.
Пере Наумов Тошев е роден во 1865 година вo Прилеп, во семејство на богати и видни иселеници од Дебарско. Основното образование го завршил во Прилеп, а потоа продолжил да се школува во Солунската машка гимназија, од каде што во 1884 година, поради бунт бил исклучен со група од 12 ученици, меѓу кои и Ѓорче Петров. Во 1884 година завршил VI клас во Пловдивската гимназија. Истата година, во градот Станимака (Асеновград), Пере Тошев, заедно со Спиро Костов од Велес и Владимир Кусев од Прилеп, организирале револуционерен комитет за ослободување на Македонија и Одринско. Исто така, тој бил учесник во обединувањето на Источна Румелија со Бугариja во 1885 година, каде што со неговата чета учествувал во заземањето на градската пошта во Пловдив. Истата година, тој зел учество во Српско-бугарската војна, како доброволец во бугарската армија во одред од 400 македонски доброволци, под команда на Коста Паница. Нападот на неговиот одред бил заслужен за конечниот исход на битката кај Сливница (во близина на Пирот), при што Србите се повлекле. Во битката Пере Тошев бил ранет, а за покажаната храброст бил одликуван со „Орден за храброст“. Од 1892 до 1901 година учителствувал во гимназиите во Прилеп, Скопје, Битола и Солун, сè до Солунската афера во 1901 година, кога заедно со повеќе истакнати револуционери бил уапсен. Притоа, тој бил осуден на 101 година затвор и бил затворен во Подрум Кале (Бодрум Кале) во Мала Азија, но во 1902 година бил амнестиран. Во 1903 година учествувал во Илинденското востание, каде што раководел со Мариовскиот револуционерен реон.
Во 1904 година, по заробувањето на Дамјан Груев од србоманскиот војвода Мицко Крстевски, лично отишол и преговарал со Глигор Соколов (Соколовиќ) Ламев за негово пуштање. По востанието, тој бил еден од главните претставници на Реформската струја и се залагал за широка децентрализација на Организацијата. Исто така, бил делегат на Прилепскиот конгрес во 1904 година, а во 1905 година на Рилскиот конгрес на ВМОРО бил избран за член на Централниот комитет на Организацијата. Од 1910 до 1911 година бил училиштен инспектор на училиштата во Солунскиот округ. Во 1911 година заминал да се лекува во Софија, во клиниката на Стефан Сарафов. На 29 февруари 1912 година ја примил веста за склучувањето сојузен договор меѓу Бугарија и Србија, каде што Македонија била поделена на спорна и беспорна зона. Пере Тошев побарал да биде примен во Народното собрание и ислушан, при што бил уапсен.
Скршен од поделбата на Македонија, тргнал за Прилеп кај своите најблиски, но на 4 мај, на патот за Прилеп, во Дреновската Клисура, бил убиен од турска заседа. Откако бил убиен, Турците го исекле на парчиња и го закопале во каналот покрај патот. По пет дена, роднините го нашле телото на Пере Тошев, но Турците им забраниле да го погребаат во Прилеп. Така, под засилен надзор на Турците, Пере Тошев бил погребан во дворот од црквата во село Фариш. Во 1996 година, неговите посмртни останки биле префрлени во дворот на црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп.

Петар Ацев

Роден е во селото Ореовец, Прилепско. Завршил VI клас во Софија. Од 1897 до 1901 година е учител во Прилеп, Крушево и други места во Македонија. Заедно со браќата Мирче и Георги се вклучува во револуционерната дејност на Македонската револуционерна организација. Во 1901 година негов четник е Крсто Гермов, подоцна познат како Шакир војвода.
На почетокот на 1902 година станува нелегален, а од мај бил околиски војвода за Прилепско. Тогаш негов четник е и Атанас Иванов. Петар Ацев е претставник на Прилепскиот револуционерен реон на Смилевскиот конгрес, тој бил еден од главните противници за кревање на востанието. Како главна причина за таквиот став биле недоволната подготвеност и немањето на оружје во регионот.
Петар Ацев, заедно со Георги Поп Христов и Лазар Поп Трајков, бил избран за резервен член на Генерал штабот, составен од Даме Груев, Анастас Лозанчев и Борис Сарафов .
По завршувањето на Илинденското востание бил избран за нелегален член на окружниот комитет, заедно со Павел Христов и Панде Кљашев, а за легални Милан Матов, Петар Нешев и Михаил Ракаџиев. Ацев водел неколку борби со отомански сили и четите на српската и грчката пропаганда во Македонија.
На 28 јуни 1904 година четите на војводите Петар Ацев и Никола Каранџулов воделе борбата со турски аскер кај село Селце, во која загинува Никола Карандџулов. Во 1905 година Трајко Кралев, Петар Ацев, Ѓуре Спирков и Крсто Гермов имале средба со српскиот ренегат Глигор Соколов, кој со фалсификувани документи ги убедувал да му дозволат да влезе во Македонија .
Во 1907 година учествувал во битката на Ножот заедно со војводите Тане Николов, Иван Наумов, Михаил Чаков, Христо Цветков и Мирче Најдов.
На Ќустендилскиот конгрес Петар Ацев бил избран за дополнителен член на ЦК, заедно со Петко Пенчев, Павел Христов, Ефрем Чучков, Аргир Манасиев и Стамат Икономов .
По Младотурската револуција излегол од илегала и се населил во Прилеп. Две години подоцна е уапсен и 15 месеци е носен низ разни затвори низ Македонија и Мала Азија. Бил ослободен во средината на 1911 година по што се населил во Пловдив, Бугарија.
Учествувал како доброволец во Балканските војни, а потоа и во Првата светска војна. Петар Ацев учествувал во Привременото претставништво на поранешната ВМРО, а подоцна е член на Илинденската организација. Ранет е во текот на Горноџумајските случувања во септември 1924 година.
Починал во Пловдив во 1939 година.